Јавен повик за субвенционирање на плати.
Врз основа на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, за мерката 2.1 Субвенционирање на плати, финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, на ден 08.07.2020 година, се објавува
ЈАВЕН ПОВИК/ИЗВЕСТУВАЊЕ
до
работодавачи за вклучување
во мерката Субвенционирање на плати
Се повикуваат заинтересираните микро, мали и средни фирми, социјални претпријатија и граѓански (непрофитни) организации што се занимаваат со економска активност при вршење на својата дејност, нови претпријатија основани преку Програмата за Самовработување во 2019 година, кои имаат потреба за вработување на соодветни лица, да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија od 8.00 до 14.30 часот.
Програмата не вклучува работодавачи од државни, јавни институции, единици на локална самоуправа и Градот Скопје.
Право на учество ќе имаат работодавачи кои ги исполнуваат следните критериуми:
- вкупниот број на работници на денот на аплицирање и пред реализацијата на поддршката да не биде понизок од просечниот број на вработени лица на неопределено време во претходната календарска година, освен ако причините за намалување на бројот на вработени лица на неопределено време се поради прекин на работниот однос поради отказ од работникот, остварување на право на пензија, смрт, неспособност за работа, а не како разултат на деловни причини.
- ги имаат подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување;
- немаат финансиска загуба во претходната година;
- имаат најмалку едно вработено лице на неопределно време, со исклучок на граѓанските организации кои во моментот на аплицирање немаат вработено лице.
Бројот на лица кои работодавачот може да ги вработи преку мерката Субвенционирање на плати не може да биде поголем од 50% од просечниот број на вработени лица во претходната календарска година, при што максималниот број не може да биде поголем од 5 лица кај еден работодавач, освен при вработување на корисници на гарантирана минимална помош каде максималниот бројот на вработени лица не е ограничен.
За работодавач што има едно вработено лице, граѓанските организации кои немаат ниту едно вработено лице и правните субјекти формирани по 01.07.2019 година, максималниот број на поддржани вработувања изнесува едно лице.
За вработување на едно лице, работодавачот ќе биде финансиски поддржан од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во износ од 19.000,00 денари месечно, за период од 3, 6 или 12 месеци по вработено лице.
Работодавачот може на работникот да му исплати и повисока бруто плата од субвенционираниот износ.
Работодавачот е должен да го задржи лицето во вкупен работен период од:
- 9 месеци, за 3 месеци субвенционирање;
- 18 месеци,за 6 месеци субвенционирање;
- 18 месеци, за 12 месеци субвенционирање (за корисници на гарантирана минимална помош и Роми) и
- 30 месеци, за да користи 12 месеци субвенционирање.
Условите, правата и обврските ќе бидат уредени со склучување на договор за субвенционирано вработување помеѓу Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, работодавачите и кандидатите.
Заинтересираните работодавачи можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници, односно до искористување на буџетските средства наменети за оваа мерка.
Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и на FB страната на Агенција за вработување.
За сите дополнителни прашања може да се обратите на контакт телефонот 02/3122-397 како и на e-mail: info@av.gov.mk и kabinet@av.gov.mk.
Извор:
http://av.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx